Мане ѝ љубомори на Барселона поради Кутињо

Барселона и Ливерпул вечерва ќе ги одмерат силите на „Камп Ноу“ во рамките од првиот полуфинален дуел во Лигата на шампионите, а доколку сакате повеќе да дознаете за овој натпревар, можете да прочитате ТУКА.

Во пресрет на спектаклот во Барселона, офанзивецот на Ливерпул Садио Мане, вели дека е љубоморен на шпанскиот првак бидејќи го разделија со блискиот пријател Фелипе Кутињо. Сенегалецот играше 18 месеци покрај Кутињо, пред Бразилецот да го реализира трансферот во Каталонија во вредност од 140 милиони евра во јануари 2018 година.

„Кутињо не е само добар, тој е одличен играч. Искрено, бев малку љубоморен кога Барселона го купи, бидејќи тој може уште да се развива како играч, а можеше да биде од голема корист за Ливерпул. Иако ќе биде убаво да се сретнам со него, ќе мора да му ги расипам плановите, бидејќи ние планираме повторно да играме во финалето“, истакна Мане.

Одличниот голгетер на Црвените ја пофали Барселона, како и прекрасниот „Камп Ноу“, а воедно посочи дека Роналдињо е неговиот идол.

„Стадионот е прекрасен. Уште од мали нозе ја следев Барселона, восхитувајќи му се на Роналдињо се заљубив во фудбалот“, додаде Мане.

Дуелот Барселона  – Ливерпул е закажан за 21 часот.

- Оглас -

Најнови вести