Македонскиот ракометен првак Вардар е само на еден чекор од пласман меѓу четирите најдобри клубови во Европа и можноста повторно да се бори за тронот на Стариот континент. „Црвени црните“ имаат позитива од 31:23 по првиот меч против ПИК Сегед и в недела на реваншот во Унгарија треба да ја одбранат оваа предност.
Вардар победил на шест од последните седум меча против овој ривал, а еден дуел завршил нерешено. ПИК Сегед досега само еднаш се радувал против Вардар и тоа на дуел одигран пред 15 години. Иако речиси сите факти се на страната на Вардар, тренерот на ПИК Сегед, Карлос Пастор се надева на чудо во реваншот.
„Ќе имаме многу тешка задача во реваншот, но нема да се предадеме. Сезонава покажавме дека можеме да играме на многу високо ниво, дури и кога требаше да бркаме голема негатива, како што треба да направиме сега. Треба да бидеме сконцентрирани во одбраната, но и прецизни во нападот. Не смееме да брзаме и да правиме глупави грешки. Мора да веруваме дека можеме да ја достигнеме негативата против Вардар. Противникот сигурно ќе се обиде да ја забави играта, да го потроши времето, но ние мора да наметнеме наш ритам. Само така ќе имаме шанса“, рече Пастор.
ПИК Сегед е фаворит за победа, но сепак многу тешко ќе биде таа да биде изразена со осум или повеќе голови.