Вардар и во реваншот против ПИК Сегед да докаже дека е во Топ 4 во Европа

Македонскиот првак Вардар вечерва на гости кај ПИК Сегед треба да го доодработи тоа што го започна во Скопје пред 10-тина дена. „Црвено-црните“ со една нога се во ракометната фајнл фор завршница во Лигата на шампиони, но „визата“ треба да се потврди на теренот кај унгарскиот тим.

Вардар во Сегедин допатува со позитива од осум голови (31:23) и ако игра како што играше во текот на целата сезона, нема шанси да ја прокоцка предноста. Избраниците на тренерот Роберто Парондо се полни со оптимизам и сакаат сезоната да ја крунисаат со пласман меѓу најдобрите четири клуба во Европа и борба за титулата во Келн.

„Точно е дека имаме осум голови позитива, но ние нема да калкулираме. Одиме да победиме и во Сегед и да ставиме печат на резултатот од првиот меч. Знаеме дека нема да биде лесно, но ние ќе играме за нова радост и нов успех. Наша цел е пласман на Ф4 турнирот во Келн“, рече средниот бек на Вардар, Игор Карачиќ.

Ракометарите на ПИК Сегед се свесни дека ќе имаат тешка задача во реваншот, но не се предаваат. „Ако не веруваме дека може да ја надополниме негативата, воопшто немаше ниту да го играме реваншот. Верувам во тимот и мислам дека може да постигнеме голема работа. Ако сакаме да го победиме Вардар со посакуваната разлика, мора да бидеме подобри од нив во сите сегменти на играта. Мора да бидеме цврсти во одбраната и брзо да ги реализираме нашите напади“, вели Золт Балог.

Дуелот меѓу ПИК Сегед и Вардар се игра вечерва во 19 часот, а преност ќе има на кабелската телевизија Арена 5.

 

- Оглас -

Најнови вести