Нова разделба се случи на релација Ѓоре Јовановски и Работнички, а „романтичарите“ ќе мора да бараат нов стратег на клупата за продолжението на првенството.
Јовановски има титули со овој клуб, но сега поради скромните резултати, се договори со челниците на Работнички да се разделат.
„Имавме разговор со тренерот Ѓоре Јовановски и се согласивме спогодбено да го раскинеме договорот. Во фудбалот резултатите секогаш ги диктираат настаните, а Работнички има високи амбиции, кои во моментот, за жал, се над остварените резултати. Би сакал да му се заблагодарам за соработката, се работи за врвен професионалец кој во периодот додека беше шеф на стручниот штаб уште еднаш ги потврди своите професионални и човечки квалитети. Минатата година успеа да го одведе тимот во квалификациите за Лигата на Европа и да ја исполни целта. Тој работеше вредно и напорно секој ден, максимално се посвети и на развојот на младинската школа и му посакуваме сè најдобро во понатамошната тренерска кариера“, вели претседателот на клубот, Драган Поповски.
Работнички по првиот круг во домашниот шампионат, има 11 бодови и е на шестото место.