Откако Ливерпул и Тотенхем покажаа дека во фудбалот ништо не е невозможно и дека ако се верува во нешто, тоа може и да се случи колку и да делува неверојатно, сега и во Валенсија добија крилја во пресрет на реваншот со Арсенал во полуфиналето од Лигата на Европа.
На сите страни има мотивирачки и охрабрувачки пораки од типот „Зошто да не?“, „Можеме заедно“, сите во Валенсија веруваат дека финалето е дофатливо ако се има доверба дека тимот може на својата „Месталја“ да го совлада лондонскиот клуб со 2-0 или поубедливо за пласман во финалето.
Валенсија во минатото го има победено Арсенал со 2-0, но само на пријателски меч. Во клубот од источниот брег на Шпанија веруваат дека ако можеа вчера и завчера да се надоместат негативи од три гола разлика, зошто да не успеат тие да ги стопат лондонските минус два.
Пред пет години, Унаи Емери како тренер на Севилја успеа на „Месталја“ да одбрани предност од 2-0, тогаш Валенсија водеше со 3-0 и имаше резултат за финале, но во финишот Мбија даде гол за 3-1 и ја однесе Севилја во финалето со Бенфика, а славењето на Емери уште не му го забораваат во Валенсија, па тренерот на Арсенал вечерва нема да биде добредојден.