Федерер одбрани две меч-топки и потоа испиша историја

Роџер Федерер денеска стана само вториот тенисер во историјата на тениската ера (од 1968 година) кој успеал да стигне до 1 200 победи во кариерата. Легендарниот Швајцарец во еден многу интересен меч славеше против Гаел Монфис со 6:0, 4:6, 7:6 (7:3) и се пласираше во четврт-финалето на Мастерс турнирот во Мадрид.

Ова беше 87-ма победа во 87-ми меч на Федерер кога Швајцарецот добил еден сет со 6:0. По доминацијата на Роџер во првиот сет, Монфис го доби вториот со 6:4, а Французинот во третиот сет имаше две меч-топки, но Федерер се одбрани, а потоа во тај-брејкот победи со 7:3, а со тоа заокружи 1 200 победи во кариерата. За да стигне до оваа бројка, на Федерер му беа потребни 1.462 средби, односно победил на 82,1 отсто од сите мечеви.

Пред Федерер засега останува недопирлив Џими Конорс. Американецот е рекордер со 1 274 победи во кариерата. Конорс е рекордер и по бројот на освоени АТП-турнири, вкупно 109. И тука зад Конорс е Федерер со 101 турнирска титула. Над 1 000 победи има само уште Иван Ленд (1 068).

Од активните играчи, зад Федерер следат Рафаел Надал со 936 победи и Новак Ѓоковиќ со 853 победи.

 

 

- Оглас -

Најнови вести