Ернесто Валверде по завршувањето на сезонава ќе биде избркан од Барселона и на тренерската функција ќе биде поставен холандски стручњак, Роналд Куман или Ерик Тен Хаг, барем така тврдат некои од шпанските медиуми. Но, реалноста е дека одлуката уште не е донесена, и ќе зависи од тоа дали Барса ќе го освои и Купот на Шпанија, и дали суперѕвездата Лионел Меси ќе му даде поддршка на тренерот.
Навивачите на каталонскиот клуб не можат да му простат на Валверде што две сезони по ред во Лигата на шампионите е елиминиран во двобој на кој тимот имаше предност од три гола разлика. Најекстремните, дури и ја нападнале куќата во која што живее 55-годишниот Валверде со семејството, и му оставиле порака во која пишувало: „Тоа би било тоа“. Тренерот не сака зголемување на тензиите, па нема да покрене судска постапка против анонимните напаѓачи.
Меси од кого многу работи зависат во Барса и кој со овој тренер има одлична лична статистика (тоа не му помогна многу на тимот во ЛШ), наводно сакал Валверде да остане и следната сезона, но работите може ќе бидат појасни после 25 мај кога е финалето на Купот против Валенсија.