Новак Ѓоковиќ додаде уште една Гренд слем титула во своите витрини. Некогашниот број 1 во светот триумфираше на Отвореното првенство на САД откако во финалето, прилично лесно, со 3:0 во сетови го победи Хуан Мартин дел Потро. Аргентинецот не успеа да му даде посериозен отпор на Ѓоковиќ, кој по сетови беше подобар со 6:3, 7:6 (4) и 6:3.
Со оваа титула, популарниот Ноле ја продолжи неверојатната низа во втората половина на годината. Ѓоковиќ претходно триумфираше на Вимблдон, потоа беше најдобар и во Синсинати, а сега го крена трофејот и во Њујорк.
На стадионот „Артур Еш“ имаше 24.000 гледачи кои на моменти направија дури и фудбалска атмосфера, што беше само дополнителен мотив за двајцата тенисери да одиграат на високо ниво. Ова беше 19-ти дуел меѓу Ѓоковиќ и Дел Потро, а Србинот ја продолжи доминацијата, победувајќи по 15-ти пат.
Освен трофејот, за победата во финалето Ноле заработи и 3,8 милиони долари, а од денеска скокна и на АТП-листата, каде што е на третото место.