Каролина Плишкова го освои Мастерс турнирот во Рим по победата од 2-0 (6-3, 6-4) во сетови над Јохана Конта. Чешката тенисерка во своето прво финале во Рим дојде и до првата титула, oдносно трета во кариерата на земјена подлога.
Два брејка на Плишкова го одредија текот на мечот против Британката. Конта загуби гем при својот прв сервис на мечот, што ја доведе Плишкова во поволна позиција да преземе контрола и да ја искористи втората сет топка за 1-0. Во вториот сет, Конта се држеше до 3-3, а потоа Плишкова одново направи брејк, па три меч топки беа потребни за чешката тенисерка да слави во Вечниот град.
Во 16 часот ќе започне финалето во машка конкуренција, а во епското финале ќе се соочат двајцата најдобри тенисери во моментов, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал.