Ноќеска почина еден од најдобрите возачи во Формула 1 на сите времиња, Ники Лауда. Австриецот долго време се бореше со здравствени проблеми, а на 71 година тој замина меѓу легендите.
„Со длабока тага објавуваме дека нашиот сакан Ники почина мирно и покрај своите најблиски. Неговите единствени остварувања како спортист и бизнисмен, како и неговата страст за акција ќе останат запамтени. Тој беше пример за сите нас, посветен татко, сопруг и многу ќе ни недостасува“, стои во соопштението на неговото семејство кое го објавија австриските медиуми.
Лауда беше трикратен светски шампион во Формула 1. Со тимот на Ферари освои две титули во 1975 и 1977 година, додека до третата титула стигна со Мекларен во 1984 година. Австриецот долго време имаше проблем со своето здравје. Минатата година му беше направена трансплантација на белите дробови, додека постарите љубители на Формула 1 ја паметат страшната несреќа во Хокенхајм во 1976 година, по која Лауда се здоби со изгореници на лицето. И покрај тоа, тој се врати на Ф1 патеките само шест недели по несреќата.
По завршувањето на возачката кариера, Лауда беше директор на Ферари, а потоа и на Мерцедес.
Ќе остане запаметено неговото ривалство со британскиот возач Џејмс Хант, а во 2013 година тоа беше овековечено на филм со име „Раш“ (Rush), во кој актерот Даниел Брел ја имаше улогата на Лауда, а Крис Хемсворт беше неговиот ривал Хант.