Во летниот преоден рок кој следува, сигурно најголема дилема ќе биде дали Пари Сен Жермен ќе успее да ги задржи Килјан Мбапе и Нејмар во своите редови. Францускиот првак веќе две сезони по ред има разочарувачки резултати во Лигата на шампиони, а сега не успеа да ги одбрани ниту двете титули во Куповите на Франција, па мораше да се задоволи само со шампионскиот пехар од првенството.
Шпекулациите се дека еден од двете големи ѕвезди ќе оди на продажба. Без разлика кој би било тоа, главен кандидат за купување е Реал Мадрид. Шпанскиот весник „Ас“ пренесува дека доколку Нејмар дојде на „Сантијаго Бернабеу“, Бразилецот има едно нереално барање. Фудбалерот сака да добие плата од 1,3 милиони евра неделно.
Оваа сума е речиси двојно поголема од тоа што Нејмар сега добива во ПСЖ. Неделната плата сега му е 700.000 евра, а договорот му е до јуни 2022 година. Во сезоната која што измина, Нејмар одигра 28 меча и даде 23 гола, а имаше и 13 асистенции.