Гунарсон со проектил од пола терен донесе „брејк“ за Сент Луис (видео)

Сент Луис блуз со победата од 3-2 по продолжение против Бостон бруинс израмни на 1-1 во финалето од НХЛ-лигата. По убедливиот старт на Бруинс во првиот меч (4-2), овој пораз им дојде како ладен туш бидејќи пропуштија голема шанса за двојна предност пред серијата да се пресели во Мисури. Гунарсон е херојот на гостите откако постигна мајсторски погодок од половина терен во дополнителниот период и му донесе брејк на својот тим. Воедно, ова е историска прва победа за Сент Луис во едно големо финале на НХЛ-лигата.

Четирите гола од регуларниот дел се постигнаа во првиот период, во кој Бостон во два наврати водеше со 1-0 и 2-1 преку Којл и Нордсторм, но Бортузо и Тарасенко идентично одговорија и го одржуваа во игра тимот на Сент Луис. Неизвесната битка не можеше да се одлучи по 60 минути, иако гостите беа поконкретни, но имаа потешкотии да го пробијат разбранетиот Раск, кој запиша 34 интервенции.

Сепак, потребни беа помалку од 4 минути за Гунарсон да го најде вистинското решение, па неговиот проектил од половина терен ги замолкна присутните во „ТД Гарден арената“.

Серијата сега се сели во Мисури, каде што Сент Луис во следните два меча ќе биде домаќин, а третиот дуел е закажан за ноќта меѓу среда и четврток во 02 часот.

- Оглас -

Најнови вести