Познати се вкупно 26 клубови кои ќе учествуваат во групната фаза од Лигата на шампиони за следната сезона. Од сите познати учесници во елитното натпреварување, шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона го очекуваат рекордното 24-то учество во групната фаза од ЛШ. На јубилејна 20-та сезона е подготвен италијанскиот првак Јувентус, додека Аталанта засега е единствениот дебитант во ова елитно друштво.
Иако уште не се знае ни првакот за оваа сезона, УЕФА веќе ги распореди клубовите по групи пред ждрепката, која ќе биде на 29 август во Монако. За поголем дел од клубовите е јасно во кој барабан ќе бидат на ждрепката, но има и такви кои ќе го чекаат исходот на квалификациите, пред да биде познато од каде ќе го дочекаат извлекувањето на групите.
Јасно е дека во првата група носители ќе бидат Барселона, Манчестер сити, Јувентус, Баерн Минхен, ПСЖ и Зенит, додека Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Наполи и Шахтер се во вториот барабан. Според ваквиот распоред, многумина очекуваат и ќе навиваат на 29 август на ждрепката во иста група да бидат Јувентус и Реал Мадрид. Тоа всушност би значело враќање на Кристијано Роналдо на „Сантијаго Бернабеу“, но како играч на италијанскот првак.