Вардар знае како се победува Барселона во Келн – нека се повтори 2017! (Видео)

Освен главниот спортски светски настан, финалето во фудбалската Лига на шампиони, денеска се игра и еден многу позначаен меч за македонската спортска јавност. Ракометниот првак Вардар, трета година по ред е дел од фајнлфор завршницата на ракометната Лига на шампиони.

„Црвено-црните“ шампиони попладнево од 18 часот во „Ланксас Арената“ во Келн за противник ќе го имаат гигантот Барселона. Каталонците се фаворити не само на денешниот меч со Вардар, туку и за освојување на европската титула. Сезонава нашиот првак играше два пати во групната фаза против Барса и два пати беше поразен (26:30 во Скопје и 34:26 во каталонската престолнина). Сташ Скубе се потсетува на тие две средби.

„На дуелот во Барселона ние игравме одлично цело прво полувреме и бевме на гол разлика. Потоа за 8-9 минути во второто полувреме кои беа црни наеднаш дојдоа плус девет за Барселона. Тоа е нашата главна тема, да бидеме добри во напад и да не им дозволиме брза транзиција. Ако во нападот не си добар и не ја намалиш бројката на технички грешки на минимум нема шанси да играш против Барселона. Секоја грешка ја користат за лесен гол”, претпазлив е Скубе.

ВАРДАР ИМА САМО ДВЕ ПОБЕДИ, НО ЕДНАТА ЌЕ СЕ ПАМТИ ЗАСЕКОГАШ

И традицијата покажува дека Барселона е доминантна против Вардар. Во досегашните 16 меѓусебни средби, каталонците се радувале на 13 победи, еден меч завршил нерешено, а Вардар има само два триумфи. Сепак, кога се работи за меч во Келн на фајнлфор, Вардар има прекрасни спомени.

Пред две години, ситуацијата беше речиси иста како оваа сега. Барселона како голем фаворит против Вардар, но „црвено-црните“ одиграа херојски и на крајот со голот на Лука Циндриќ на пет секунди до крајот стигнаа до победа од 26:25. Сигурно сите вардарови навивачи би биле пресреќни ако се повтори сценариото од 2017 година.

Германецот во редовите на Вардар, Кристијан Дисингер, на најдобар начин на опиша сплотеноста на играчите на Вардар.

„Имаме холивудска приказна. Ние не сме соиграчи, ние сме браќа! Немаме што да загубиме. Ќе останевме дома ако не верувавме во чудо“, вели Дисингер.

ПРЕТПАЗЛИВИ ВО БАРСЕЛОНА, НЕ САКААТ ПАК ДА СЕ „ИЗГОРАТ“

Тренерот на Барселона, Чави Пасквал не размислува многу на двете победи против Вардар во групната фаза и знае дека мотивот е сосема поинаков кога се игра на фајнлфор.

„На стартот од сезоната, Вардар не беше меѓу фаворитите. Но како се одвиваше сезоната, тие покажаа цврст карактер. Играат добро и тоа ги изненади сите. Затоа мора да играме најдобро што знаеме. Не би сакал да бидеме како фаворити, но ако мора, ја прифаќаме таквата улога. Мора да бидеме претпазливи, бидејќи секој може да победи секого“, рече Пасквал пред денешното полуфинале против Вардар.

Освен Барселона и Вардар кои ќе играат во 18 часот, во полуфинален дуел во Келн ќе се сретнат и Веспрем – Келце од 15:15 часот. Според коефициентите во Sport Life обложувалниците, Веспрем е фаворит и има коефициент 1,45, додека за победа на Келце коефициентот е 4.00.

 

- Оглас -

Најнови вести