Во една полициска станица во Санто Амаро, предрагие во Сан Пауло, пред два дена се појавила жена која го пријавила Нејмар за сексуален напад кој се случил на 15 мај во Париз. Како што тврдат бразилските медиуми, покренат е случај против најскапиот фудбалер на светот, кој во најбрзо време ќе треба да се појави на разговор пред властите.
Како што стои во изјавата на жртвата, со Нејмар се запознале преку социјалната мрежа „Инстаграм“. По неколку разменети пораки, тој ја поканил во Париз за да се запознаат, а жената се согласила. Откако пристигнала во Париз, се сместила во засега непознат хотел, а по неколку часа во нејзината хотелска соба пристигнал и Нејмар.
Иако прво се однесувал нормално, Бразилецот бил под дејство на алкохол, а жената тврди дека во еден момент почнал да биде насилен и потоа ја силувал. Таа се вратила во Бразил два дена по инцидентот, а бидејќи била емотивно потресена не можела веднаш да го пријави случајот во полиција.
Истрагата е покрената веднаш по пријавата на жртвата, но засега нема реакција од страна на претставниците на Нејмар, бидејќи не биле свесни за овој инцидент пред да биде пријавен во полиција.
Инаку, Нејмар моментално е со репрезентацијата на Бразил каде се подготвува за претстојниот Копа Америка континентален шампионат во Јужна Америка.