За Вардар традициите не важат во Келн, титулите се бројат

Барселона имаше убедлива предност од 12:2 во победи во мечеви од Лигата на шампионите против Вардар до вчерашното полуфинале, но „црвено-црните“ ќе играат за титулата против Веспрем.

Вардар уште еднаш потврди дека не им се плаши на фаворитите и дека е подготвен за втората европска круна со триумф против уште еден фаворит, денеска од 18 часот. Ако се погледне традицијата против Веспрем, таа е речиси еднакво лоша за нашиот првак, како и против Барселона.

Во мечевите од Лигата на шампионите, Вардар има само една победа против Унгарците на 8 одиграни натпревари, остварена во овој циклус и тоа на гостински терен.

Во финишот на септември, лани „црвено-црните“ славеа со 27:25, со што ја прекинаа серијата неуспеси против Веспрем во натпреварите од Лигата на шампионите. Но, така беше и со Барселона, која немаше пораз од Вардар до полуфиналето во Келн во 2017 година, па Вардар ја освои титулата.

Вчера Каталонците повторно потклекнаа пред ураганот од Македонија, па пак испадна дека традицијата и билансот се само убави бројки на хартија и дека за Вардар тие не важат во Келн.

На терен е малку поинаку, а токму јунаците од Скопје со подвизи потврдуваат дека фаворити на фајналфор нема. Денеска на хартија и според традицијата во меѓусебните дуели Веспрем има предност, но Вардар покажа дека е најопасен кога е аутсајдер.

Вардар денеска во „Ланксес арена“ ќе бие битка за вториот пехар во ЛШ, а Веспрем за сефте титула во елитното натпреварување.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести