Кристијано Роналдо синоќа во полуфиналето на Лигата на нациите против Швајцарија, со својот 53-ти хет-трик во целокупната клупска и репрезентативна кариера, дојде до бројка од 88 погодоци во дресот на португалскиот национален тим и тоа е зголемување на европскиот рекорд.
Во историјата на фудбалот, само еден играч има дадено повеќе голови за својата земја, а тоа е легендарниот Иранец Али Даеи, со 109 погодоци. Даеи има подобар просек од Роналдо, бидејќи за Иран одигра 149 меча, осум помалку од Кристијано, но и противниците против кои Иранецот даваше голови се послаби од тие на европскиот рекордер.
Од играчите кои уште се активни, зад Роналдо се Сунил Четри од Индија со 68 гола, Лионел Меси од Аргентина со 65 и Бразилецот Нејмар кој има 60.
Роналдо синоќа го даде својот прв гол од слободен удар по пауза од 355 дена, Лигата на нации им ја додаде на СП, ЕП и Купот на конфедерациите како меѓународни репрезентативни натпреварувања на коишто давал голови, седми пат направи хет-трик за Португалија, а Швајцарија му е 38-ма различна држава против која 34-годишниот напаѓач на Јувентус има постигнато гол како член на својата селекција.