Од денеска започнува новата серија мечеви на возбудувања во квалификациите за Европското првенство 2020 година. Вкупно 12 мечеви низ Стариот Континент се играат вечерва, а утре има нови 13 дуели. Еден од највозбудливите средби треба да биде во Подгорица, каде што домаќинот е фаворит против соседот Косово.
Овие две селекции досега никогаш не се сретнале, а вечерва ќе играат пред празни трибини. Тоа е така затоа што Црна Гора е казнета поради непристојното однесување на нивните навивачи на претходниот дуел против Англија (пораз од 1:5). Освен што нема да ја имаат поддршката од фановите, против Црна Гора оди и неверојатно добрата серија на Косово.
Гостите имаат низа од 12 натпревари без пораз. Последен пат Косово загуби во октомври 2017 година од Исланд, во квалификациите за СП 2018. Од тој меч, досега Косово има биланс од осум победи и 4 ремија. Ваквиот скор им дава на гостите да бидат полни оптимизам.
„Дојдовме во Црна Гора по три бода, иако знаеме дека се работи за силна репрезентација. Веруваме во себе, имаме играчи со висок квалитет.Го респектираме противникот, но подготвени сме да дадеме сè од себе за да одиграме добар меч, да бидеме актери на голем меч и на крајот да излеземе како победници“, оптимистички најавува напаѓачот на Косово, Ведат Муричи, кој игра во турскиот Ризеспор и сезонава ја заврши со 17 погодоци.