Кристијано Роналдо повторно нема да игра за Португалија, во дербито на денот против Италија, земјата во која ја продолжи својата кариера.
Португалските медиуми го ставија популарниот ЦР7 во фокусот пред дуелот на „Луж“ во Лисабон, вечерва од 20.45 часот. Роналдо нема да игра на премиерата за Португалија во Лигата на нациите, а објаснување има селекторот Фернандо Сантос.
„Кристијано се наоѓа во деликатна фаза од кариерата со трансферот во Јувентус. Заеднички се согласивме да не игра за репрезентацијата за да може побрзо и подобро да се аклиматизира во Јувентус“, вели Сантос.
Португалците и без Кристијано имаат одличен состав и се фаворити против Италија – селекцијата која е во фаза на обнова, со нов селектор. Роберто Манчини има сложена задача да го врати четирикратниот светски првак на шампионските патеки по дебаклот во баражот за СП и неучеството на Мундијалот во Русија.
Првиот меч против Полска во третата група од најсилниот Сегмент во Лигата на нациите не мина како што посакуваа „аѕурите“. Полјаците долго имаа предност од 1-0, но сепак Жоржињо израмни и им донесе еден бод на фаворитите.
Вечерва во Лисабон нема многу простор за калкулации, бидејќи Сегментот А е најсилен, а третата група со три селекции е тешка и само победникот ќе има шанси да игра на фајналфор-турнирот за пласман на ЕП 2020 година.
Ако нешто во моментов, пред мечот што ќе почне во 20.45 часот е на страната на Италија, тоа е традицијата и билансот. Досега двете селекции меѓусебе играле 11 пати, а „аѕурите“ имаат неверојатни 9 победи и два порази. И како куриозитет е што двете селекции сè уште немаат одиграно нерешено меѓусебе.
Коефициентот за победа на Португалија во „Бонус Тип“ во нашите обложувалници е 2,56, ремито е со квота 3,10, а триумф на Италија вреди 3,15.