Актуелниот светски првак во Кралската класа, Марк Маркес со неговиот мотоцикл Хонда стигна до четвртата овосезонска победа освојувајќи ја Големата награда на Каталонија. Шпанецот иако стартуваше од втората позиција позади францускиот возач Фабио Квартараро, уште во воведните кругови изби на лидерската позиција, а работата му беше многу полесна откако неговите најголеми ривали се судрија по што излетаа од патеката и не ја довршија трката.
Лоренцо при еден свиок се лизна со својот мотоцикл и при падот со себе ги зеде Валентино Роси, Андреа Довициозо и Маверик Вињалес. Квартараро и Петручи останаа да му вршат притисок на Маркес, но Шпанецот е премногу искусен да загуби трка во која ја држи првата позиција од почетокот на самата трка. Токму тие двајца ги пополнија останатите две места на подиумот, со тоа што Петручи втора трка во низа е во топ 3 возачи, откако ја освои ГН на Италија пред две недели. Квартараро пак, за првпат во својата кариера се качи на подиум, како втор најбрз на патеката „Барселона Каталуња“.
Маркес по оваа трка има 140 бода и е лидер на севкупната табела во Мото ГП, а воедно ја зголеми разликата врз второпласираниот Довициозо кој не ја заврши трката и ќе остане на 103 бода.