УЕФА во изминатиот период беше критикувана од страна на Англичаните за ограничениот број билети кои ги даваше за финалињата во Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Четири англиски екипи се бореа за континенталните тронови – Ливерпул и Тотенхем во ЛШ, а Челзи и Арсенал во ЛЕ.
За главниот спектакл во Мадрид, по 16 000 билети беа доделени за англиските фанови на Црвените и Петлите, додека за во Баку беа поделени по 6 000 билети за фан-базите на лондонските екипи. Челзи и Арсенал дури и вратија по околу 2 000 билети бидејќи дел од нивните навивачи не сакаа да трошат средства за долгиот пат до Азербејџан.
Сега Европската фудбалка куќа повторно ги налути Англичаните. Имено, за мечот во Суперкупот во кој ќе се сретнат Ливерпул и Челзи, превидени се по 5 257 билети за навивачите на двете екипи, иако „Водафон арената“ во Истанбул има капацитет од 38 000 седишта.
Инаку, спектаклот во Истанбул е закажан за 14 август, среда, само неколку дена по стартот на новата сезона во Премиер лигата.