Актуелниот европски првак Вардар потпиша двегодишен договор со Артурс Кугис (26), репрезентативец на Летонија кој доаѓа од екипата на Гросвалштат. Сезонава Летонецот одигра 35 натпревари за Гросвалштат, а со репрезентацијата избори пласман на ЕП 2020 година.
Кугис особено беше забележителен во квалификациите за ЕП 2020 година и неговите одбрани беа одбележани и од страна на ЕХФ ТВ по натпреварот со Словенија. Во селекцијата на Летонија, тој е соиграч на десниот бек Даинис Криштопанс.
„Навистина сум среќен што потпишав договор со Вардар и ќе бидам дел од еден од најдобрите спортски тимови во ракометот. Се разбира, со потпишувањето на овој договор си поставив и цел да бидам најдобар што можам. Скопје за мене е центарот на ракометот. Се надевам заедно можеме многу да постигнеме. Сакам да се заблагодарам на клубот што ќе можам да играм за Вардар. Едвај чекам да играм во „Јане Сандански”, изјави Кугис.
Вардар во втората половина на јули ќе ги почне подготовките за новата сезона, а сигурно е дека на крајот на август треба да настапи на Супер Глоуб, каде што ќе се обиде да стигне и до титулата на неофицијалното клупско СП.