Италијанските медиуми ги величаат новите херои, двајцата ватерполисти на Латина, Антун Горета и Лука ди Роко, кои без размислување влегоа во битка со водената стихија и брановите високи пет метри за да ги спасат заглавените туристи во тиренското море на плажата Анзио, педесеттина километри од Рим.
Горета, кој е Хрват, раскажува дека воопшто и не размислувал за својот живот и веднаш тргнал по неговиот соиграч, италијанскиот ватерполист Роко, во битка со оргомните бранови, во ситуација кога ниту спасувачите, хеликоптерите и чамците на крајбрежната стража не успеале да ги спасат пливачите од морските бранови.
„Не сме никакви херои, само постапивме човечки. Го видов Лука како тргна да плива кон немоќните луѓе, а јас воопшто и не размислував, туку веднаш му се приклучив. Имаме искуство, знаевме како да стигнеме до луѓето и среќни сме што сè мина без човечки жртви“, изјави Горета.
Двајцата херои успеаја да извлечат од подивеаното море и двајца спасувачи, кои се обидувале да помогнат. На крајот на успешната операција, која, за среќа, мина без жртви, тандемот ватерполисти на Латина добил и аплаузи од над 500 луѓе кои ја следеле драмата со хепиенд на плажата Анзио.