Дуелот на Бразил и Аргентина од полуфиналето на Копа Америка е настанот кој со нетрпение се чека во целиот фудбалски свет, а секако најголемата еуфорија е во Бразил, и затоа не треба да чуди што на четири меча пред средбата, сите билети се продадени.
Дербито ќе се игра во Бело Хоризонте, на стадионот на кој на 8 јули 2014 година, Бразил во полуфиналето на СП на кое беше домаќин, доживеа незапамтено бламирање и беше разбиен од Германија со дури 1-7. Сега ќе треба да ги избркаат духовите од минатото и со победа над најголемиот ривал делумно да се извадат за срамот од пред пет лета. Но, Аргентина е единствен тим кој четвртфиналето го мина за 90 минути игра, а не на пенали, и секако ќе биде непријатен противник за „кариоките“.
На трибините ќе има 60 илјади луѓе, најголем дел Бразилци кои можат да си дозволат да платат скапи билети како за нивен стандард (имаше карти од 76 до 150 долари).