Во тенискиот свет често се зборува за таканаречената „идна генерација“ во машка конкуренција, но се чини дека засега нема ништо од тоа и сè уште најдобри и најдоминантни се играчи кои ја поминаа третата деценија од своите животи.
На гренд слемот Вимблдон, кој е во тек, денеска се играат осминафиналните дуели и од 16-те играчи кои ќе се појават, деветмина имаат наполнето 30 години, а само двајца имаат помалку од 27. Досега во отворената ера на тенисот, од 1968 година наваму не е видено во четвртото коло да има толку многу тенисери со 30 или повеќе години.
Ова покажува дека младите не им се дораснати на поискусните, нешто што не е случај кај жените, каде што има и 15-годишно девојче кое ги гази противничките.
Роџер Федерер има 37 години и ја предводи листата на ветерани, Фернандо Вердаско има 35, Рафаел Надал 33, Новак Ѓоковиќ 32, Роберто Баутиста Агут, Сем Квери и Михаил Кукушкин по 31, а Жоао Соуса и Беноа Пер по 30.
Помалку од 27 години имаат само двајца осминафиналисти на Вимблдон, тоа се 23-годишниот Матео Беретини и Иго Умбер, кој има 21. Тие првпат се во оваа фаза на лондонскиот гренд слем.