Атлетичарот кој посакува да почне и фудбалска кариера, Јусејн Болт, им се лути на австралиските фудбалски власти кои побараа од него да оди на тест за допинг. Спринтерот на пријателски фудбалски меч даде два гола и од него е побарано да оди на тестирање за да се види дали зема некакви стимулативни средства. Болт е на проба во клубот Маринерс.
Јамајчанецот, кој има 31 година, вели дека нема потпишано договор со клубот Сентрал коуст маринерс, тој официјално не фигурира како фудбалер, па затоа и се чуди зошто сакаат да го проверуваат.
„Се повлеков од атлетиката за да станам фудбалер и веднаш ми го прават ова. Како да одам на тест за допинг кога немам договор со клубот. Уште не сум професионален фудбалер. Ми објаснија дека тестот е бидејќи сум бил елитен спортист. Тогаш, во ред“, рече најбрзиот човек на светот и осумкратен олимписки првак.