Рони О`Саливен вчера упати жестока критика за организаторите на турнирот во снукер Отвореното првенство на Англија, кој годинава се игра во Кроули, изјавувајќи дека делот каде што играчите даваат интервјуа му смрди на урина.
Петкратниот светски првак смета дека организаторите требало повеќе да се потрудат и дека објектот во кој се игра турнирот не е според стандардите за ваков важен настан. Рони во првото коло го совлада Курт Мафлин, а денеска игра со Елиот Слесор.
„Ваквиот објект ве демотивира да играте. Ова е најлошото место кое сум го видел. Додека давав интервју, можев да намирисам урина. Нема атмосфера, додека тренирате, има жици околу масата, нема обезбедување, луѓе трчаат на сите страни. Очигледно се штедело на буџетот за организација. Играчите заслужуваат повеќе од ова, потребно е да се инвестира“, изјави 42-годишниот О`Саливен.
И организаторите од Светската федерација се изненадени и разочарани од критиките на Рони, бидејќи никој друг не се пожалил. И светскиот првак Марк Вилијамс рече дека не се согласува со О`Саливен.