Во борбата против расизмот: Судиите добија дозвола да прекинуваат мечеви

ФИФА реализира нова идеја со која ќе се води битката против расизмот во најпопуларниот спорт во светот. Воспоставено е ново правило, според кое главниот арбитер ќе може да го прекине натпреварот во случај да има каков било напад врз расна основа.

Четирите точки со кои казните за расизам и дискриминација ќе бидат поригорозни:

  1. Личноста која ќе се обиде да омаловажи држава, група луѓе или пак поединец, врз расна основа, етничка припадност, религија, пол, сексуална ориентација илипак политички став, ќе добие суспензија најмалку од 10 натпревари.
  2. Доколку еден навивач или група навивачи на репрезентација или клуб навредат што било од горенаведените примери, ќе бидат казнети на два начини: а) Ако е прва навреда, клубот или репрезентацијата еден натпревар ќе мора да игра на половина празен стадион, притоа да плати 18.000 евра. б) Ако истите напади се повторуваат, клубот или репрезентацијата ќе бидат казнети парично, ќе се одземаат бодови, ќе играат пред празни трибини или пак во најлош случај ќе бидат отстранети од натпреварувањето.
  3. Лица кои биле навредени за време на настапи кои се организираат под крилото на ФИФА или некоја од шесте конфедерации, ќе може да поднесат писмена жалба и да ја бараат правдата на суд.
  4. Во случаеви кога еден навивач или група навивачи вербално ќе нападнат играч за време на натпревар, судијата ќе може да го прекине натпреварот, додека на клубот чиишто навивачи навредуваат врз расна основа ќе му биде запишан службен пораз.

Со овие нови правила ФИФА се обидува да го елиминира расизмот и дискриминацијата од фудбалот, нешто што изминатава сезона премногу често се случуваше на терените. Меѓу попознатите случаеви се мечот меѓу Црна Гора и Англија (нападнат беше Рахим Стерлинг за бојата на кожата), како и дуелот меѓу Интер и Наполи (Калиду Кулибали претрпе нечовечки напади поради исти причини).

- Оглас -

Најнови вести