Кошаркарскиот клуб Црвена ѕвезда објави дека новите прегледи и скенирање на главата и белите дробови покажале дека нема компликации кај повредениот Огњен Кузмиќ, кој настрада во сообраќајна несреќа, па денеска ќе следува будење од индуцираната кома.
Ѕвезда им се заблагодари на сите кои помагаат во процесот и на лекарите кои вчера ја направија максиофацијалната операција на скршените вилици на Кузмиќ. Денешните детални снимки биле позитивни и состојбата е подобрена, па Кузмиќ полека ќе биде освестуван. Тој е во вештачка кома од неделата.
Од клубот објавуваат по едно соопштение на ден и навивачите очекуваат добра вест и утре да се потврди дека кошаркарот веќе е свесен.