Ајкут Кочаман бил исклучително упорен во намерата по секоја цена во Фенербахче да се донесе Елиф Елмас, а неговите предвидувања испаднаа неверојатно точни.
Елмас, според италијанските медиуми, викендов треба да допатува во Неапол и да потпише петгодишен договор со Наполи за вкупна сума од 16-18 милиони евра.
Кочаман во 2017 година беше тренер на Фенербахче, а неговата упорност вроди со плод, па еден од менаџерите на гигантот, Хасан Четинкаја, отпатува за Скопје и Елиф за сума од 180 илјади евра го облече жолто-црниот дрес на клубот од Истанбул.
„Да одиме веднаш во Скопје да го купиме Елмас. Ќе ни го земе некој друг клуб бидејќи за него има интерес од Баерн, Лацио, Ајакс… Момчето е суперталентирано и ви ветувам дека најмногу за две години ќе заработиме од неговиот трансфер“, рекол тогаш Кочаман на средбата со Четинкаја и со тогашниот претседател на Фенер, Азиз Јилдирим.
И испадна дека бил потполно во право, и тоа точно по две години откако Елмас пристигна на „Шукру Сарачоглу“, домот на фудбалскиот клуб Фенербахче.