Трочлена делегација на кошаркарскиот клуб Црвена ѕвезда на чело со претседателот Небојша Човиќ, доби дозвола за кратка посета на повредениот Огњен Кузмиќ кој лежи на интензивна нега во Ургентниот центар во Белград, и се информираше од лекарскиот тим за процесот на закрепнување на нивниот играч.
Кузмиќ во неделата имаше страшна сообраќајна несреќа во која се здоби со многу повреди, па пет дена беше во кома, а денеска е освестен, може да ги движи екстремитетите, дише самостојно, и веќе почнал полека и да зборува, колку што е тоа можно, бидејќи има скршени вилици, но лекарите не го ни форсираат да се обидува зборува пред целосно да се санираат повредите.
Лекарите се задоволни од моментната состојба на кошаркарот, за кој после несреќата не се знаеше со сигурност ниту дали ќе преживее.