Шпанската фудбалска федерација ја објави одлуката дека мечевите од шпанската прва лига ќе се играат само во саботите и неделите, но од Ла Лига велат дека Федерацијата нема право да им се меша околу термините.
Поради тоа неизвесно е дали новата сезона ќе почне на 16-ти или 17-ти август. Лигата го одреди петок 16 август како ден кога треба да играат Атлетик Билбао и Барселона, но Федерацијата го презакажа за сабота, 17 август, исто како и мечевите Елче – Фуенлабрада и Мајорка – Еибар, кои треба(ше) да се играат во понеделник на 19-ти август. Наместо во понеделник, во недела на 18-ти треба да играат и Бетис и Валјадолид.
Преместувања во термините има и за второто и третото коло.
Првиот човек на Лигата, Хавиер Тебас, смета дека оваа одлука е лоша и може да донесе далекусежни последици. На 7 август судот ќе треба да ги разгледа аргументите на двете страни и да донесе конечна одлука. Главен проблем е договорот за телевизиски преноси, кој чини околу 2 милијарди евра. Ако нема преноси во петок и понеделник, на телевизиите кои ги откупиле правата ќе треба да им се платат големи суми како отштета.