Ништо од револуцијата која ја најавуваше Зидан во март

Шпанските медиуми го потсетија Зинедин Зидан дека кога се врати на клупата на Реал Мадрид во март, најавуваше дека ќе има промени, но од таа револуција која ја чекаат навивачите нема ништо, резултатите воопшто не се подобрени.

Можеби е претсезона и рано е за заклучоци, но факт е дека сликата која ја остава за себе Реал, не е добра. Особено срамен беше утринскиот пораз од Атлетико кога 13-кратниот европски првак прими дури 7 гола за 70 минути. И не може да се очекува друго кога единствен нов стартер е Еден Азар, другите се староседелци кои заостануваа по 17 бода зад Барса во првенството. Можеби кога ќе се приклучат Бразилците Касемиро и Милитао, малку ќе се размрдаат работите, но потребни се поголеми промени и „незаменливите“ да се најдат на клупа.

Се повторува апатијата од минатата сезона, нема желба за надигрување, не се трча, нема борбеност.

Пред мечот со Атлетико, Куртоа се пофали дека сега се знаело кој е главен голман, но Белгиецот воопшто не е сигурен. Тој лани примаше пет од Барселона, четири од Ајакс, три гола од Севилја, сега повторно петарда и тоа од неговиот екс клуб, ќе беа и повеќе ако бранеше цел меч.

Во 2018 година, во Реал имаше 43 повреди, што е просек од една повреда неделно. Клубот има нов кондициски тренер, но ритамот на повреди е ист. Тимот од САД се враќа со четворица повредени, од кои на едниот, Асенсио, му претстои многу долга пауза.

Зидан е тренер кој нема доверба во младите фудбалери. Љоренте, Регилон и Винисиус беа ретките светли точки во минатата сезона, но Зизу преферира други. Љоренте е продаден, Регилон и Себалјос се позајмени, а во Винисиус не гледа стартер.

Реал летово потроши доста пари, но освен Азар, сите други се донесени да бидат резерви, барем така изгледа по односот на Зидан. Фановите бараат да се донесат ѕвезди. Можеби трансфер на Погба малку ќе го намали притисокот. Претседателот Перес би го купил и Нејмар, но тренерот се спротивставува на идејата. Ако не ја направи најавената револуција, на Зизу и Реал црно им се пишува.

 

- Оглас -

Најнови вести