Додека eикипите кои конкурираат за врвот во Англија го користат летниот период да доведат значајни засилувања во пресрет на новата сезона, Челзи седи мирно и гледа од страна. Забраната за трансфери која стапи на сила за овој преоден рок и ќе трае до јануари 2020 година им оневозможи на Сините да им парираат на Манчестер сити, Ливерпул, Тотенхем, Арсенал, но тоа не треба да ги демотивира.
Со назначувањето на Френк Лампард за нов тренер, клупската легенда која нема доволно искуство, Челзи покажа дека е подготвен да води различна политика, така што млади играчи од школата, како и неколку кои беа на позајмица ќе бидат во преден план кај новиот кормилар.
Поддршка дека тој потег ќе биде успешен пружи и поранешниот менаџер Жозе Мурињо. Португалецот смета дека за Лампард нови засилувања треба да претставуваат играчите како Зума и Абрахам, кои до лани беа на позајмица и собираа искуство на Островот.
„Челзи ова може да го смета како шанса да им даде прилика на помладите играчи да покажат дека вредат и дека позајмиците беа корисни за нив. На пример, ако им треба дефанзивец, нема потреба да гледаат на пазарот, во тимот го имаат Курт Зума. Тој е млад, добиваше шанса кога јас бев тренер и таа ја оправда. Се здоби со тешка повреда, но се врати посилен и беше одличен во Стоук и Евертон. Има и репрезентативно искуство со Франција, така што тој треба да биде во преден план кај Лампард. Тоа важи и за Тами Абрахам. Челзи долго време е во потрага по идеален голгетер и мислам дека Абрахам може да одговори на задачата“, вели Мурињо.
За клубот од „Стемфорд бриџ“ сезоната започнува на 11 август, со тешко гостување кај Манчестер јунајтед во првото коло од Премиер лигата, а три дена подоцна избраниците на Лампард ќе се борат за трофеј во европскиот Суперкуп против Ливерпул.