Нов клупски првак на Јужна Америка ќе биде Гремио, Интернасионал, Фламенго или Палмеирас. Ова го најавува една неверојатна традиција која почна во 2012 година, а тоа е титулата во Копа Либертадорес да ја освојува клуб од земја од која претходната година, славел во Копа Судамерикана.
И навистина, реално е годинава да триумфира бразилски клуб, бидејќи најголемата земја во Јужна Америка, сигурно ќе има еден финалист, бидејќи победниците од бразилските четвртфинални двојки Гремио – Палмеирас и Интернасионал – Фламенго, ќе играат меѓусебе во полуфиналето.
Во 2012 година, бразилски Сао Пауло ја освои Копа Судамерикана, и наредната година Копа Либертадорес ја освои бразилски клуб, Атлетико Минеиро, но тогаш веројатно никој не претпоставуваше дека е почеток на една невидена серија. Во 2013 година аргентински Ланус победи во Судамерикана, а во 2014, Либертадорес му припадна на Сан Лоренсо. Потоа Ривер плејт две години по ред (2014 Судамерикана и 2015 Либертадорес) ги одвојуваше клупските натпреварувања.
Следуваа радости за Колумбијците. Санта Фе во 2015 освои Судамерикана, а Атлетико Насионал во 2016 освои Копа Либертадорес. Низата ја продолжија Бразилците со Шапекоенсе и Гремио, па Аргентинците со Индепендиенте во 2017 и Ривер плејт во 2018.
Минатата година, Копа Судамерикана ја освои Атлетико Паранаенсе од Бразил. Годинава за освојување на трофејот во Копа Либертадорес редот повторно им е на бразилските тимови.