УЕФА ја одреди арбитражата за дуелот меѓу Ливерпул и Челзи во рамки од европскиот Суперкуп. Судијката Стефани Фрапар ќе ја дели правдата меѓу освојувачите на ЛШ и ЛЕ во мечот кој ќе се игра на „Бешикташ парк“ во Истанбул на 14 август.
Триесет и петгодишната судијка претходно месецов го судеше финалето од женскиот Мундијал меѓу САД и Холандија, додека веќе дебитираше во француската Лига 1, кога во април ја делеше правдата на мечот Амиен – Стразбур.
Нејзини асистенти за Суперкупот ќе бидат истите од финалето на женскиот Мундијал – Мануела Николоси и Мишел О‘Нил, додека четврти судија во Истанбул ќе биде Турчинот Чунејт Чакир.
Фрапар е првата жена која ја добива честта и довербата да суди натпревар од големо значење организиран од страна на УЕФА, но нема да биде првата жена која делела правда на натпревари организирани од европската фудбалска куќа. Швајцарката Никол Петињат судеше на три меча во рамки од квалификациите од тогашниот УЕФА куп во периодот од 2004 до 2009 година.