Македонската кошаркарска репрезентација за кошаркари до 18 години, денеска од 17.30 часот во Орадеа, Романија, го игра својот најважен натпревар, и од тој дуел со Чешка, зависи дали следното лето „црвено-жолтите“ бидат дел од европската елита.
Победа над Чесите ќе значи освојување на бронзен медал и пласман во А дивизија, во која учествуваат 16-те најквалитетни селекции во оваа возрасна категорија.
Македонија во младинските категории не може да се пофали со добри резултати, заостануваме зад останатите, и од 2007 година наваму сме имале тим на главното Европско првенство. Но, таа црна серија завршува, лани кадетите (до 16 години) успеаја да стигнат до трето место и за некој ден го почнуваат својот настап на елитното ЕП.
Во кадетскиот тим кој лани беше трети во Б дивизија, има четворица кошаркари кои сега се во јуниорската на селекторот Тони Симиќ. Тоа се Лука Савиќевиќ, Павел Данаиловски, Марко Миловановиќ и Андреј Андоноски. Овие четворица лани беа дел од тимот кој ја совлада Чешка во клучниот меч за трето место, нека го повторат истото и годинава, па во 2020 да ги гледаме на главното ЕП.