Интер му посака добредојде: Лукаку е третиот најскап играч во историјата на Серија А

Интер му посака добредојде на Ромелу Лукаку. Една од најдолгите летни фудбалски сапуници, денеска конечно заврши, а белгискиот репрезентативец е нов играч на гигантот од „Џузепе Меаца“.

https://twitter.com/Inter/status/1159483152655511553

Лукаку потпиша петгодишен договор со Интер и ќе има плата од седум милиони евра по сезона. Тоа е одлична плата, кога се работи за клуб во Серија А. Нераѕурите за Лукаку платија 65 милиони евра, со можни 10 милиони евра плус во вид на бонуси. Овие пари ќе завршат во касата на Манчестер јунајтед, каде досега настапуваше Лукаку. Во 96 меча за Црвените ѓаволи, Лукаку даде 42 голови, но сепак си заминува по само две години од доаѓањето на „Олд Трафорд“. Манчестер плати 75 милиони фунти на Евертон.

Според трансфер сумата, Лукаку е третиот најскап трансфер во историјата на Серија А, зад Кристијано Роналдо (100 милиони евра од Реал Мадрид во Јувентус) и Гонзало Игуаин (75,3 милиони евра од Наполи во Јувентус).

„Интер беше единствениот тим во кој сакав да потпишам. Тука сум за да ги вратам Нераѕурите на врвот“, рече Лукаку и дополнително ја зголеми еуфоријата кај навивачите на гигантот од Милано.

 

 

- Оглас -

Најнови вести