Рафаел Надал се намачи, но на крајот успеа да го победи Фабио Фоњини и да се пласира во полуфиналето на АТП Мастерс 1000 турнирот во Монтреал. Фоњини еднаш сезонава веќе го имаше изненадено Надал, со победата на Мастерсот во Монте Карло, кога Италијанецот стигна до најголемата титула во неговата кариера.
И овојпат, Фоњини одлично започна. Го доби првиот сет со 6:2, што како да беше аларм за Надал да го подобри нивото на игра. Тоа и се случи. Шпанецот потоа заигра многу подобро. Во вториот сет беше 6:1 за Надал, додека во решавачкиот трети сет, без поголеми проблеми го доби Рафа со 6:2 и се пласираше во полуфиналето.
„Ова беше меч со многу осцилации за мене, но сепак на крајот беше позитивен. Добро е бидејќи играм се подобро и подобро“, рече задоволниот Надал.
Шпанецот ќе почека за да го дознае противникот во полуфиналето, бидејќи мечот меѓу Монфилс и Баутиста беше прекинат и тоа само што беа одиграни два поени. Причина за прекинот беше лошото време и дождот во Монтреал. Претходно во полуфиналето се пласираа и Карен Хачанов кој го победи Александер Зверев со 6:3, 6:3 и Дани Медведев кој со 6:3, 6:1 беше подобар од Доминик Тим.