Дисквалификацијата на српската штафета 4х400 метри значеше дека Исланд ќе го освои првото место на Европското тимско првенство трета лига кое викендов се одржа во Скопје, а Србите тврдат дека победата им била неправедно одземена.
Српската штафета победи на трката и требаше да има 11 бода повеќе од Исланд, и со тоа Србија да го освои првото место и да се пресели во втората европска лига. Но, на 50-тина метри пред целта, Бошко Кијановиќ тргна да ги престигне сите кои беа пред него и се судри со Молдавецот кој се трудеше да си ја одбрани позицијата, па влезе и во патеката на Србинот. Молдавскиот атлетичар загуби рамнотежа и поради тоа, Србија беше дисквалификувана и не доби поен.
Судиите го разгледуваа инцидентот, делегатот од Финска остана на својата одлука дури и по жалбата на Србите. Така, Србија од готово си направи вересија, но беа лути и не сакаа да се појават на церемонијата на доделување на медалите.
Погледнете го туркањето кое Србија ја чинеше пласман во повисок ранг: