Средбата со Железничар која се игра вечерва, од 20.15 часот, во „Борис Трајковски“ е шанса за скопскиот Металург да дојде до првата победа во СЕХА-лигата.
„Имаме убава можност за добар натпревар. Противникот го респектираме, но ова е шанса да одиграме добро и да ја забележиме нашата прва победа. Да бидам искрен, малку сме заморени по двете гостувања во Лигата на шампионите, но сега нашите мисли се насочени само на средбата со Железничар. Направивме анализа на последниот меч и тоа ќе ни овозможи да ги исправиме грешките од претходните дуели. Имаме уште два тренинга на кои ќе треба да се подготвиме. Заморот ни е непријател, но имаме можност да одиграме добро и да забележиме победа“, рече тренерот Данило Брестовац.
До минатото коло и Железничар немаше победа, но потоа го победи Извиѓач. Сега Металург е мотивиран за добар резултат. Двата тима се засилија, домашните со Словенецот Александер Шпенде, а нишкиот тим со крилото Добривоје Марковиќ (ексиграч на Вардар).
Новиот член на Металург има 25 години и 197 сантиметри, а игра на позицијата лев бек и доаѓа од екипата на Порто. Договорот му е со важност до јуни 2019 година и со можност да биде продолжен.