Младата репрезентација на Македонија за ракометари до 19 години на Светското првенство во Скопје го освои 13-тото место. Во денешниот меч за 13-тата позиција на Мундијалот, момчињата на селекторот Данило Брестовац ја победија Аргентина со 29-26.
Со ова, „црвено-жолтите“ им се реваншираа на гаучосите за поразот во првото коло, кога загубивме со 20-23, иако по првото полувреме Македонија водеше со 13-9. Денеска, нашите на пауза водеа уште поубедливо, со 15-8, и овојпат тоа беше доволно за зачувување на предноста и триумф, иако противникот се закани благодарение на ефикасниот напад. Грешката не беше повторена, македонските ракометари го одбија нападот и во последните неколку минути мирно го приведоа мечот кон крај, не дозволувајќи нова драма.
Најдобри поединци во „Борис Трајковски“ беа Симоноски со феноменални 9 гола од 9 шута, Младеновиќ со шест погодоци, а Ќосевски даде четири.