Поранешниот англиски репрезентативец, Ешли Кол, на 38 години реши да стави крај на кариерата. Екс членот на Арсенал, Кристал Палас, Челзи, Рома, ЛА Галакси и Дерби каунти, крајот на играчката кариера го објави во емисија додека гостуваше на „Скај спортс“ телевизијата. Одигра 508 меча на клупско ниво и даде 19 гола, а за националниот тим имаше 107 настапи.
Кол сега ќе се фокусира кон тренерската работа.
„После длабоко размислување, одлучив дека е време да ги закачам копачките и да се фокусирам на моето следно поглавје“ – рече Кол кој е во процес на добивање на тренерска диплома.
Ешли Кол е рекордер со 7 освоени трофеи во ФА купот, а Премиерлигата ја освојуваше и со Арсенал (едната титула беше во историска сезона без пораз) и со Челзи, два клуба од неговиот роден Лондон. Со Челзи освои и Лига на шампионите и Лига Европа. Последен клуб му беше Дерби каде играше за тренерот Френк Лампард со кој беа соиграчи во Челзи, но го загуби финалето на плејофот во Чемпионшип.
„Најмногу сум горд на оние над 100 настапи за Англија. Криво ми е што не стигнав до полуфинале или финале со националниот тим на некое СП или ЕП“ – додаде Кол.