И повеќе од очигледно е дека на Мауро Икарди му е убаво да биде на насловните страници во медиумите, било тоа да е за добра или за лоша работа. Најновата информација која стигна од Италија е дека тој сега се премисли и сака да остане во Интер, дури и побарал од клубот да му даде нов број.
Икарди побарал да биде вклучен во составот и да го добие дресот со број 7, кој е слободен, но Интер планира да му го додели тој број на Алексис Санчес, Чилеанецот кој е најавен како последно засилување на гигантот од Милано. Условот на Икарди може да ги закомпликува работите околу тој трансфер доколку ја добие „седмицата“.
Аргентинецот го загуби местото во тимот, поточно новиот тренер Антонио Конте тотално го изолираше од останатите соиграчи, што е јасна порака дека не смета на него. Ако тоа не беше доволно, по ангажманот на Лукаку, Нераѕурите му го ослободија дресот со број 9, кој беше во сопственост на екскапитенот Икарди.
Неговата сопруга, која воедно му е и агент, Ванда Нара, летово се обидуваше да најде нов клуб за Икарди, поточно целта беше преселба во Јувентус. Тој сон е далеку од остварлив, по што Икарди се најде во безизлезна ситуација и сега сака да ги поправи несогласувањата со клубот и повторно да заигра за Нераѕурите.
Кој вели дека Италијанците и Аргентинците не знаат да направат шпанска сапуница?