Лукаку удри по Јунајтед: Не сум глупав

Од Ромелу Лукаку се очекуваше да биде голгетерот кој ќе го замени Златан Ибрахимовиќ во Манчестер јунајтед, за што Црвените ѓаволи издвоија 85 милиони евра. Но, две сезони подоцна Белгиецот замина во редовите на Интер за 10 милиони евра помала сума, а набрзо по преселбата во Милано, Лукаку се отвори околу главната причина зошто одлучи повеќе да не ги брани боите на најтрофејниот англиски клуб.

„Доживеав многу ситуации во кои не бев заштитен од надворешните влијанија. По весниците се пишуваше дека Јунајтед ќе ме продаде во оној или овој клуб. Јас очекував некој да стави крај на тие приказни, но сите молчеа. Сè што сакав е некој да потврди дека ќе останам во Манчестер и ќе се борам за место во првиот тим. Но, јас само слушав дека не заслужувам да играм за Јунајтед. Тогаш одлучив навистина да си заминам, некаде каде што ќе ми дадат доверба“, истакна Лукаку и додаде: „Единствено не ми е јасно кој ги открива тие информации. Знам дека мојот агент сигурно не пушта такви шпекулации во јавност. Па, не сме ние дотолку глупави, иако многумина така мислат“, заврши Лукаку.

Кошмарот од Англија, Лукаку ќе се обиде да го претвори во убав сон заедно со Нераѕурите, од кои, пак, се очекува квалитетна сезона по големите засилувања, но и ангажманот на Антонио Конте на клупата.

- Оглас -

Најнови вести