Факт е дека на сите им е преку глава од оваа сапуница и едвај се чека крајот на преодниот рок, кој ќе ја разреши судбината на Нејмар. Барселона и ПСЖ секој ден се „многу блиску“ до остварување на соработката, досега пренесовме безброј информации кои се однесуваат на преговорите на овие два гиганти.
Според последните вести од Шпанија, понудата која денес ја испрати Барселона во Париз е: Ракитиќ, Дембеле на позајмица и 125 милиони евра за услугите на Бразилецот. Каталонците дефинитивно сакаат да се ослободат од хрватскиот играч за врска, воедно се подготвени да ја дадат и последната пара за да го вратат Нејмар.
Единствен проблем е Дембеле, чијшто агент изјави дека Французинот по секоја цена сака да остане во клубот и не размислува за преселба. Тоа што Дембеле е ставен во понудата како позајмен играч, може да одигра голема улога со надеж дека крилниот офанзивец по една сезона би се вратил на „Камп ноу“ за да се бори за место во тимот.
Да се надеваме дека ова е конечната разврска, и дека во иднина Нејмар ќе го спомнуваме само кога ќе прави атракции на теренот, а не вакви шпански серии кои веќе се досадни.