Најдобрите 32 екипи во Европа вечерва ќе ги дознаат своите противници во групната фаза од Лигата на шампионите. Како што е вообичаено, сите екипи ќе бидат поделени во четири барабани, од кои ќе се влечат клубовите кои ќе бидат распоредени во осум групи.
Според коефициентите на сите екипи, Реал Мадрид е најдобар и има коефициент 146.000. Сепак, Кралскиот клуб бидејќи не беше првак на Шпанија, ќе биде во вториот барабан, додека Барселона ќе ја има улогата на фаворит во првиот барабан. Во водечкиот барабан ќе има дури три англиски екипи. Ливерпул како актуелен континентален првак, Манчестер сити како шампион на Англија и Челзи како освојувач на Лигата на Европа од минатата сезона.
Секоја победа во групната фаза ќе носи по 2,7 милиони евра, а ремито е 900.000 евра. Двете најдобри од секоја група ќе продолжат понатаму, третопласираните ќе играат во Лигата на Европа, а за последнопласираните ќе заврши европската авантура. Ждрепката ќе биде во 18 часот.