Шкендија Арачиново се соочува со казна и суспензија на домашниот терен откако попладнево на полувремето од дербито на Втората лига против штипска Брегалница, службено лице на арачиновци му удри клоца на гостински фудбалер.
Се претпоставуваше дека може да има тензии бидејќи играа првиот и вториот на табелата, па Шкендија вчера упати апел до своите навивачи за коректно навивање.

Веројатно не претпоставуваа дека проблем може да направи некој што е заведен како нивно клупско службено лице.
Испаѓа дека клубовите освен своите фанови, ќе мора да си ги дисциплинираат и службените лица.
Од Брегалница објавија дека на крајот од првото полувреме во голем инцидент, од страна на редарите на стадионот во Гази Баба, физички биле нападнати капитенот Стефан Коцев и левиот бек Анџело Николовски.

