Еден Азар изминатиов викенд за првпат почувстува како е да се носи белиот дрес на Кралевите. Белгиецот кој летово се пресели на „Сантијаго Бернабеу“ за 100 милиони евра, по повредата конечно го запиша дебито во Ла Лига, ги одигра последните триесетина минути во триумфот од 3-2 над Леванте.
Сега му следува нов предизвик, многу поголем од Леванте. Реал утре гостува во Париз, каде што во првото коло од Лигата на шампионите ќе се соочи со францускиот првак ПСЖ. Се очекува Азар да стартува од првата минута, а во меѓувреме доби прилика да направи споредба меѓу Челзи и Реал.
„Со Челзи кога ќе претрпевме пораз, сите бевме разочарани, што е нормално. Исто и навивачите, но многу полесно и побрзо се забораваа лошите резултати. Во Шпанија е сосема различно, тука навивачите се вистински фудбалски фанатици, живеат за фудбалот. Многу потешко може да се помират доколку нивниот тим загуби“, истакна Азар.