Селекторот Кирил Лазаров вели дека постои одговорност и кај него како селектор на оваа селекција, која го има најслабиот пласман на едно големо натпреварување, но дополни дека ова е Мундијал на кој селекцијата нема лидери како што порано биле тој самиот, Столе, Жути…
„Да, имам одговорност, но треба да се знае дека за нас во овој момент успех беше и што сме на ова Светско првенство меѓу најдобрите во светот. Имаме и долгорочна стратегија пред нас. Факт е дека претходно бевме со искусни играчи кои ни помогнаа да дојдеме тука. Знаевме дека ќе биде тешко да се игра на високо ниво, затоа јас играв до 42 години, Столе и Жути исто играа. Сега видовме дека не е исто без оние искусните кои долги години го носеа товарот на репрезентација“, рече Лазаров, кој потенцираше дека сепак непријатно е изненаден и разочаран од високите порази.
Лазаров не заборави да упати извинување кон разочараните навивачи кои во трите меча беа во голем број на трибините и дадоа одлична поддршка за ракометарите.
„Морам да се извинам на Фалангата. Тука имаше преку 2.000 луѓе. Тие се дел од нас, затоа имаат и големи очекувања. Јас ги разбирам играчите дека ова е еден голем притисок, јас сум го имал тој притисок уште кога бев капитен. Кога 2.000 луѓе поред почетокот на мечот ќе викнат „сакаме победа“, не им е сеедно на овие млади момци. Тие може да признаат, може и да не признаат, но јас знам дека оваат притисок за добар меч, а камо ли за победа“, додаде селекторот Лазаров.